Коѕиас: Да прифатиме еден од предлозите на Нимиц


Вашингтон, 22 мај, 2018 - 9:37 (META) 

Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во изјава за грчките дописници од САД, по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео, пренесува МИА.

Со оваа изјава и Коѕиас индиректно го отфрли името „Република Илинденска Македонија“, исто како што Грција отфрли и еден од петте предлози на медијаторот Метју Нимиц за името „Република Македонија (Скопје).

– Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување на еден стратешки план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име, рече Коѕиас.

Шефот на грчката дипломатија објасни дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар Помпео, туку тоа било тема на средбите, вчера и завчера, со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Никос Коѕиас не открива што точно разговарале со Мичел, но вели дека „никој не ја тера Грција на ништо“ во однос на затворањето на прашањето, бидејќи ја има иницијативата за постапките и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“.


Коѕиас во посета на САД на средби со Помпео, Болтон и Гутереш


Вашингтон, 21 мај, 2018 - 11:49 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас од денеска е во посета на САД каде ќе се сретне со американскиот државен секретар, Мајк Помпео, со советникот за национална безбедност, Џон Болтон и со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш,

Според грчките медиуми, преговорите за името ќе бидат една од темите на агендата разговори на средбите на Никос Коѕиас.

Според официјалната програма, Коѕиас денеска ќе се сретне со новиот американски државен секретар, Мајк Помпео, со кого ќе разговара за билатерална соработка и прашања што се од регионален интерес со акцент на Блискиот исток. Утре Коѕиас ќе се сретне со Болтон, а во среда со Гутереш.

Весникот „Елефтерос Типос“ пишува дека Коѕиас започнува маратонски дипломатски активности во траење од речиси две седмици.

Од САД, тој, според весникот, ќе замине за Брисел, а оттаму за Германија.


Трамп го разреши Тилерсон, нов државен секретар е шефот на ЦИА, Мајк Помпео


Вашингтон, 13 март, 2018 - 15:24 (META) 

Актуелниот директор на aмериканската разузнавачка служба ЦИА, Мајк Помпео, ќе биде нов државен секретар на САД и ќе го замени Рекс Тилерсон.

Ова го објави американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа „Твитер“ и додаде дека Помпео извонредно ќе ја врши работата. Тој истовремено му се заблагодари на Тилерсон.

Американскиот претседател за нова директорка на ЦИА ја назначи досегашната заменичка на Помпео, Џина Хаспел.

Двете назначувања мора да добијат и потврда во Сенатот на САД.


Лавров: Според Помпео, Обама станал претседател благодарение на Русија


Москва, 21 јули, 2017 - 15:39 (META) 

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денеска изјави дека ако се следи логиката на директорот на ЦИА, Мајк Помпео, кој ја обвини Москва не само за мешање во минатогодишните претседателски избори во САД, туку и во претходните, тогаш и Барак Обама станал претседател благодарение на Русија.

Говорејќи на безбедносниот форум во Колорадо, Помпео рече дека Русија дека се мешала „и во последните избори, но и во тие пред нив и во тие пред тие“.

– Доколку изјавата на Помпео значи дека сме се мешале во изборите во 2008 и во 2012 година, тоа значи дека претседателот Обама ни ја должи својата победа. Нема да го коментирам тоа, но по мое мислење, тоа ги надминува сите граници на разумот – рече Лавров на прес-конференција по состанокот со министерот за надворешни работи на Сиера Леоне, Самур Камар.


Русија сака да ги казни САД, тврди директорот на ЦИА


Аспен, 21 јули, 2017 - 14:35 (META) 

Директорот на ЦИА, Мајк Помпео, тврди дека Русија не планира да ја напушти Сирија и дека ќе продолжи да се меша во американските работи за да ги казни САД.

Тој повторно изрази уверување дека Русија се мешала во претседателските избори во САД, а односите меѓу двете земји ги опиша како „комплицирани“.

Помпео додаде дека видел само минимални докази дека Русија спроведува сериозна стратегија против припадниците на Исламска држава во Сирија.

Тој рече дека какво било тврдење дека Русија е сојузник на САД во Сирија не се совпаѓа со тоа што се случува на терен.

Помпео, сепак, изрази очекување дека ќе има „места на светот“ на кои САД и Русија ќе можат да соработуваат против тероризмот.

Говорејќи на безбедносниот форум во Аспен, Колорадо, Помпео рече дека тешко е да се замисли стабилна Сирија додека Башар ал-Асад е на власт.

Тој додаде дека Русија ќе остане во Сирија затоа што сака свое пристаниште во Тартус, на Средоземно Море.


Кандидатите на Трамп за шефови на ЦИА и на Пентагон предупредуваат на закана од Русија


Вашингтон, 12 јануари, 2017 - 20:04 (META) 

Кандидатите за шефови на Пентагон и на ЦИА што ги предлага новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска, на сослушувањата пред Сенатот, предупредија на заканата на Русија кон НАТО. Генералот Џејмс Матис и Мајк Помпео ја посочија вмешаноста на Москва во хакерските напади на Демократската партија на САД.

Генералот Џемјс Матис, кој е номиниран од Трамп за министер за одбрана, пред Комитетот за вооружените сили на САД на Сенатот, предупреди дека НАТО се наоѓа под најголемата закана од Втората светска војна и дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ги подели членките на алијансата.

„Мислам дека сега е најважно да сфатиме каква работа си имаме со Путин. Ние гледаме дека тој се обидува да ја скрши Северно-атлантската алијанса и ние мора да преземеме чекори да се одбраниме онаму каде што мораме… Мислам дека станува збор за најголемата закана од Втората светска војна, која доаѓа од Русија, од терористичките групи и од она што Кина го прави во Јужното Кинеско Море“, рече Матис, пренесува „Би-би-си“.

Кандидатот на Трамп за шеф на ЦИА, Мајк Помпео, пред Комитетот за разузнавање на Сенатот рече дека Москва претставува закана за Европа и дека се поставува агресивно во Украина.

Тој рече дека верува во извештаите на разузнавачките агенции дека зад хакерските напади стои Русија, која се обидела да влијае на демократските процеси во САД.

Ставовите на Матис и на Помпео доаѓаат по изјавите на Трамп, кој повика на затоплување на односите меѓу Вашингтон и Москва и изјави дека се сомнева во разузнавачките извештаи за вмешноста на Русија во хакериските напади на Демократската партија.