Фото: IlyaIsaev [CC BY-SA 3.0 (https://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0)] / CC BY-SA

Откако вчера веднаш по слетувањето во Москва, Алексеј Навални, најистакнатиот руски опозиционер и жесток критичар на претседателот Владими Путин, беше уапсен од руската полиција, врвни светски водачи и политичари побараа тој да биде итно ослободен.

Алексеј Навални вчеравечер) се врати во Русија, по пет месеци откако падна во кома откако беше затруен со бојниот нервен отров Новичок и пренесен на лекување во Берлин.

Според руските медиуми, апсењето е со образложение дека Навални во Германија не ја исполнил обврската да ги информира руските власти за местото на престој во текот на неговата условна казна. За тоа дали Навални ќе оди в затвор или ќе биде пуштен на слобода ќе решава надлежен суд утре.

Утрово германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас повика на итно ослободување на Навални, пренесе Дојче Веле.

„Алексеј Навални, по закрепнувањето, без принуда и свесно се врати во Русија, затоа што смета дека тоа му е личната и политичка татковина. Сосема е неразбирливо тоа што беше уапсен од страна на руските власти веднаш по пристигнувањето. Русија е обврзана од својот устав и од меѓународните обврски спрема принципот на владеење на правото и заштитата на граѓанските права. Овие принципи, се разбира, мора да се применат и на Алексеј Навални. Тој треба веднаш да биде ослободен“, соопшти шефот на германската дипломатија Хајко Мас изутринава.

Претходно и американскиот државен секретар Мајк Помпео исто така побара „итно и безусловно ослободување“ на Навални.

Според Помпео, апсењето на најистакнатиот критичар на руската власт е „последнио во серијата обиди да се замолчи Навални и другите опозициски и независни личности кои ги критикуваат руските власти.

Реагираше и администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, барајќи итно ослободување на Навални.

Вчера реагираше и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, повикувајќи Навални да биде веднаш ослободен.

„Приведувањето на Навални по доаѓањето во Москва е неприфатливо“, рече Мишел.