63,8 отсто од Грците негативно го оценуваат Договорот од Преспа


Атина, 5 јули, 2018 - 15:07 (META) 

Речиси 7 од 10 Грци негативно го оценуваат Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, покажува истражувањето на агенцијата МРБ спроведено меѓу 22 и 29 јуни годинава, преку директни интервјуа со вклучени 2.000 граѓани со право на глас.

На прашањето „Врз основа на она што го знаете, она што го имате слушнато, што го имате прочитано, како во целост го оценувате договорот што го потпиша грчката влада со ПЈРМ?“, позитивен одговор одбрале само 12,8 отсто, 3,5 отсто рекле сигурно позитивно, 9,3 отсто веројатно позитивно, додека пак 68,3 отсто од испитаниците одговориле негативно. Од нив 48,4 отсто го оценуваат сигурно негативно договорот, а 19,9 отсто веројатно негативно.

Делот каде стои дека новото име на соседната земја ќе биде Република Северна Македонија и ќе се користи ерга омнес, 62 отсто од анкетираните го оценуваат негативно. Точката која што вели дека државјанството на жителите на соседната земја ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија негативно ја оценуваат 64,4 отсто од испитаниците.

Над 7 од 10 анкетирани сметаат дека Грција можеше да постигне подобар договор (75,1 отсто), дека Договорот повеќе им служи на македонските интереси (73,3 отсто) дека е штетен за националните интереси на Грција (70,5 отсто) и дека во иднина ќе создаде сериозни проблеми (68,5 отсто).

На прашањето која земја ја сметате се реална закана за Грција и со можност да одберат најмалку две од понудените одговори: Турција, Албанија, Македонија и Бугарија, 15,4 отсто од испитаниците ја одбираат Македонија, со што нашата земја е на третото место. 87,9 отсто од испитаниците одговориле Турција, 33,5 отсто Албанија, а само 6 отсто Бугарија.


Само 22,5 отсто од Грците подготвени да прифатат сложенo име за Македонија


Атина, 4 февруари, 2018 - 13:12 (META) 

Само 22,5 отсто од Грците биле подготвени да прифатат сложено име за Македонија, а 71,5 отсто се против употреба на терминот Македонија, покажало истражувањето на солунскиот универзитет „Македонија“, пишува грчкиот весник „Катимерини“, a пренесува Македонската информативна агенција (МИА).

Според овој медиум, резултати покажуваат промена на јавното мислење во Грција, бидејќи на истата анкета во 2016 година, 57 отсто од граѓаните не го прифаќале терминот Македонија, а 38 отсто биле за сложено име.

Прашањето за името е важно за 65 отсто од Грците, а мнозинството од граѓаните сметаат дека грчките политичари водат погрешна политика во однос на него. 56 отсто од Грците сметаат дека активностите на грчкиот премиер Алексис Ципрас се движат во погрешна, а 26,5 отсто во правилна насока.


Полицијата спречила тепачка на Грци со Македонци на протест во Мелбурн


Мелбурн, 21 јануари, 2018 - 12:28 (META) 

За време на протестите на грчката заедница во Мелбурн дошло до вербална и физичка пресметка меѓу група демонстранти и Македонци кои од страна ги набљудувале протестите. Главна порака на демонстрациите на Грците во Мелбурн била „Македонија е грчка”.

На протестот со транспаренти и грчки знамиња, се извикувало „Македонија е грчка“, „Скопјани“, а учествувале над 2.000 луѓе.

Протестите се одржале во центарот на Малбурн, каде дошло првин до вербална пресметка на учесници на демонстрациите и група Македонци кои, облечени во маици со македонски национални обележја, седеле на кафе во близина на грчкиот конзулат.

Потоа дошло и до физичка пресметка, по што интервенирала полицијата која употребила и солзавец.


63 отсто од Грците се за заемно прифатливо решение за спорот со името


Атина, 20 јануари, 2018 - 11:57 (META) 

Мнозинството Грци посакуваат да се реши прашањето со името, покажува новото истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Алко“ за грчкото радио „24/7“.

Според истражувањето 63 отсто од испитаниците се за постигнување заемно прифатливо решение, 21 отсто сметаат дека работите треба да останат така како што се денес, а седум од 10 Грци, веруваат дека во последните децении Грција загубила од тоа како владите се справувале со прашањето за името.

За тоа дали сметаат дека во последните децении од прашањето за името земјата доби или загуби, седумдесет отсто од испитаниците сметаат дека Грција загуби, девет дека доби, 21 отсто ја одбрале опцијата не знам/не одговарам.

Костас Панагопулос, претседателот на агенцијата „Алко“ што го спроведе истражувањето, говорејќи за радиото, коментира дека во анкетата не биле вклучени конкретни имиња, бидејќи официјално не се соопштени и вели дека веројатно резултатите би претрпеле промени кога во истражувањето ќе влезат конкретни предлози за решение на спорот.


Грчкиот претседател ѝ се закани на Албанија со блокада на евроинтеграциските напори


Атина, 15 октомври, 2017 - 17:53 (META) 

Грчкиот претседател Прокопис Павлопоулос денеска ѝ се закани на Албанија дека ќе бидат блокирани евроинтеграциските напори на оваа земја поради забелешките на грчкото малцинство во однос на власта во приморското гратче Химара.

Тој на собирот одржан на островот Крф, на меморијален настан во чест на грчкиот политичар Јоанис Каподистриас, порачал дека „брутално кршење на човековите права“ нема да се толерира.

Тој особено се осврнал на односите на Тирана и на Приштина.

– Тоа треба да го имаат предвид Грците, но и тие што се стремат да се приклучат во ЕУ. Ова го велам за нашиот сосед Албанија, земја со која сакаме секогаш да имаме добри односи. Но, аванурстичкото однесување, како она што го гледаме меѓу Тирана и Приштина, е брутално однесување со кое се кршат човековите права во случајот на малцинствата и правото на имот. Ние нема да стоиме индиферентни наспроти ваквото однесување – посочил Павлопоулос.


Грците песимисти за брзо економско закрепнување


Атина, 14 февруари, 2017 - 11:03 (META) 

Во Грција владее големо незадоволство од двегодишната работа на коалициската влада на СИРИЗА и Независни Грци, покажува новата анкета на јавното мислење на солунскиот универзитет „Македониа“.

Дури 81 отсто од испитаниците се изјасниле дека според нив, владата не работи добро. Незадоволни се и гласачите на СИРИЗА, од кои 62 отсто изразиле незадоволство од тоа како се покажала партијата на власт.

Според анкетата, десничарите Нова демократија и натаму предничат пред владејачката СИРИЗА. Во прогнозата на гласови, Нова демократија се смета дека ако утре има избори би освоила 33 отсто, а СИРИЗА 16,5 отсто од гласовите.

На трето место и натаму е ултрадесничарската Златна Зора со 7,5 отсто, а по неа е Комунистичката партија со 7 отсто, ПАСОК со 6,5 отсто. Анкетата покажува дека во следниот состав на собранието нема да се најдат коалициската Независни Грци, ниту Река кои имаат само 1,5 отсто.

Во државата и натаму преовладува голем песимизам за тоа како ќе се движат работите во иднина. Мнозинството од испитаниците, 87,5 отсто сметаат дека државата оди во погрешна насока, а повеќе од половина коментираат дека владата има погрешна стратегија.

Граѓаните сметаат дека грчката влада ќе се согласи на новите мерки за кои ја притискаат меѓународните кредитори.

Грчката влада периодов е повторно во теснец, бидејќи кредиторите бараат од нејзе да прифати нови мерки за да може да се затвори втората фаза од проценката на сработеното од договорените реформи.


Постигнат напредок во преговорите за обединување на Кипар


Женева, 12 ноември, 2016 - 10:20 (META) 

На преговорите за повторно обединување на поделениот остров Кипар е постигнат значаен напредок, а разговорите ќе продолжат на 20 ноември во Женева, се наведува во соопштението од Обединетите нации.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-му, кој во понеделникот го отвори новиот круг преговори меѓу претседателот на кипарските Грци, Никос Анастасиадис, и претседателот на кипарските Турци, Мустафа Аканџи, синоќа рече дека и двајцата претседатели се посветени годинава да најдат решение.

„Во последните пет дена беа разгледани територијалните и други прашања. Постигнат е значаен напредок”, стои во соопштението на ОН.

На барање на лидерот на кипарските Грци, двајцата челници одлучиле да направат пауза и преговорите да продолжат во Женева на 20 ноември.

На Кипар, кој е поделен во 1974 година, живеат 800.000 кипарски Грци и околу 22.000 кипарски Турци. Кипарските Грци, кои го претставуваат Кипар во ЕУ, се непопустливи во барањето турските сили да се повлечат од островот.

Илјадници турски војници се наоѓаат во северниот дел на Кипар, во отцепената држава на кипарските Турци, која е признаена само од Анкара.


Масовна поддршка за Парадата на гордоста во Атина


Атина, 12 јуни, 2016 - 12:20 (META) 

Во Атина по 12. пат без никакви проблеми и со масовна поддршка се одржа Парадата на гордоста. Илјадници Грци излегоа на масовната парада на атинските улици за да ја поддржат борбата за рамноправност и борбата против дискриминацијата поради различната сексуална определба.

Годинешното мото на парадата беше „Маж/жена не се раѓаш туку стануваш“ и преку него грчката ЛГБТ-заедница побара од државата поголеми права за трансродовата заедница.

Рафаил Милидис од организацијата на парадата за „Мета“ вели дека бараат грчката влада што побргу да го признае родовиот идентитет за трансродовите граѓани да може и во општеството и во официјалните документи да се декралираат онака како што се чувствуваат. Милидис вели свесни се дека веќе постои ваква комисија и има советувања во европски рамки, но сè уште чекаат дали и кога владата ќе го разгледа ова прашање.

ЛГБТ-заедницата лани доби поголеми права откако во декември грчкото собрание го изгласа законот за граѓански брак за хомосексуални двојки. По овој чекор, според ЛГБТ-заедницата, општеството има направено чекор напред за подобро да се разбере заедницата, меѓутоа велат дека сè уште има вербални напади, луѓето сè уште се плашат отворено да ја изразат својата сексуална определба ако е таа поинаква од традиционалните општествени норми, сè уште постои дискриминација која треба да се надмине. Пример за ова се зачестените напади од свештени лица низ Грција кои вербално ја навредуваат и ја осудуваат ЛГБТ-заедницата.

– Работите се подобрени бидејќи ова, во суштина, беше првото признавање на заедницата. Но, и покрај ова, многу често има случаи на нетолеранција, говор на омраза или од религиозните лидери или од политичарите – вели Милидас.

Сепак, според него, Грција има напреднато многу од пред 12 години кога се одржа првата парада на гордоста, на која присуствуваа само 500 луѓе. Како што вели, сега парадата има поголема и домашна и странска поддршка, а политичките партии имаат и свои комисии кои се занимаваат со ЛГБТ-прашањата, иако под знак прашалник е колку се тие ефективни.

Тој смета дека позитивно е што парадата на гордоста заедно со договорот за граѓански брак помагаат младите во Грција да знаат дека може да најдат поддршка и да не се чувствуваат осамени и изолирани поради нивната поинаква сексуална определба.

Покрај барањата за рамноправност за ЛГБТ-заедницата, на Парадата се изрази солидарност и со бегалците, особено со хомосексуаците меѓу нив, чии права во кризната бегалска ситуација се повредени.

Парадата ја поддржаа и Општина Атина и градоначланикот Јоргос Каминис, атинската префектура, 17 странски амбасади, но и лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, и поранешната претседателката на собранието, Зои Константопулу.


Уапсени двајца Грци во Пиреа поради ширење на лажни информации меѓу бегалците


Атина, 2 април, 2016 - 10:20 (META) 

Грчката крајбрежна стража уапсила двајца Грци поради измама и ширење на лажни информации меѓу бегалците во пристраништето Пиреа, кај Атина, јавуваат локалните медиуми.

Две момчиња, на возраст од 23 и 21 година, според информациите на крајбрежната стража, ширеле гласини меѓу бегалците дека грчката граница е отворена и им понудиле за одредена сума на пари да ги префрлат преку границата.

Тие биле уапсени вчера и се обвинети за измама и за ширење на лажни информации.

„Катимерини“ пишува дека според последници податоци во пристаништето во Пиреа има 5.330 бегалци кои се сместени во прифатниот центар.


Грците по златници и по бензин во Битола


Битола, 6 јули, 2015 - 15:33 (META) 

Грците купуваат златници во Македонија за да не им пропаднат заштедите во евра, тврдат во битолската чаршија.

– Кризата ги натера Грците, заштедите во евра да ги преточат во златници. Кај нас златото е поевтино, па бараат златници по нашите златарници или купуваат големи парчиња златен накит. Половина златник кај нас чини околу 10.000 денари – вели наш соговорник, дуќанџија во Старата битолска чаршија.

Според него, по злато Грците почнале да одат и во Прилеп, Кичево и во Дебар.

Грците доаѓаат и по поевтин бензин и по цигари во Битола. Продавач на бензин во една од бензинските пумпи лоцирани накај граничниот премин Меџитлија, тврди дека Грците од северот на земјата доаѓаат само до бензинските пумпи и веднаш се враќаат назад.

-Ние не чувствуваме некоја разлика од порано пред грчката криза. Автомобили со грчки регистарски таблички доаѓаат, точат бензин и купуваат цигари – вели нашиот соговорник.

Наспроти ваквата слика, Грците сè поретко може да сретнат на зелениот пазар во Битола и по бутиците за облека и за чевли.

Со стравувања дека преку граница не можат да изнесат зеленчук, овошје и храна од Македонија, битолските дуќанџии велат дека прометот им е паднат на половина. Според нив, грчката криза удира и по нашата економија во пограничниот регион.

– Од Грците го вадевме ќарот, ама сега ги нема, не трошат ниту евро. Ако поминат на пазар, ги молам да земат грав и ориз, ама не купуваат, велат дека на граница им ги фрлаат најлоните со храна. Затоа велам дека нивната криза е и наша криза – вели продавачка на зелениот пазар во Битола.