fbpx

Грците, главни викенд-туристи во Дојран

-

Секоја сабота и недела, на граничниот премин кај Дојран, колони со грчки возила чекаат за влез во Македонија. За оние кои ретко го користат овој премин, тоа е невообичаена глетка, бидејќи колоните на поголемиот премин со Грција, оној кај Гевгелија, ги прават македонските возила, кои се во обратен правец – за влез во Грција. Жителите на Кукуш (Килкис), кој е на 15 километри со 120 села, речиси секојдневно доаѓаат во Дојран за набавка, на ручек или на рулет. Солунчани возат и по 70 километри за набавки од Дојран.

На три-четири километри од преминот во Дојран, се наидува на нова колона. Грчки џипови и други полуксузни возила ги полнат резервоарите на бензинската пумпа. Тоа е и единствената бензинска пумпа до границата, која го има монополот за грчките евра. Жителите велат дека дневно, во просек, прометот е по неколку илјади евра. Нафтените деривати во Македонија во просек се поевтини за околу 30 отсто во однос на Грција.

Меѓутоа, дојранчани велат дека бензинот не е главната причина поради кога Грците влегуваат во земјава. Обично, тоа е цел викенд-пакет. Прво се оди на пазар по овошје и по зеленчук, па потоа во супермаркет. Некои производи, како месoто, се поевтини дури за 50 отсто во однос на цените во Грција. На крај, денот завршува во локалните ресторани, на дојрански крап или скара. Порција крап, на пример, во Дојран е пет евра, но на само неколку километри од грчката граница, цената е двојно, па и тројно повисока. Јадењето во кафеана во Дојран за едно семејство може да чини околу 50 евра, додека за истиот ручек во Солун би платиле и до 200 – 300 евра, велат дојранските угостители.

Сепак, се чини, најголеми добитници во овој пограничен туризам се стоматолозите. Во Дојран има четири стоматолошки ординации, кои работат речиси само за пациенти од Грција. Дојранчани, по малку на шега, велат дека не се ни обидуваат да закажат на забар, а за итни случаи одат во соседното Валандово или Гевгелија.

Побогатите Грци вообичаено остануваат за викенд, но не каде било, туку во единственото хотел-казино со пет ѕвездички, непосредно до граничниот премин. За разлика од гевгелиските казина, дојранското има сопственици Македонци. Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, вели дека Општината бара инвеститор за планираните две туристички развојни зони со малку поексклузивни сместувачки капацитети и со голф-терени. Идејата е Дојран да угости и поексклузивни гости од регионот, кои не би доаѓале само поради поевтините цени на пазар и да ги наполнат резервоарите.

Засега ќарот го имаат само локалните бизниси. Досетливите ситни претприемачи понекогаш имаат и различни цени, зависно во која валута се плаќа или кој јазик се зборува.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...