Мнозинството Грци посакуваат да се реши прашањето со името, покажува новото истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Алко“ за грчкото радио „24/7“.

Според истражувањето 63 отсто од испитаниците се за постигнување заемно прифатливо решение, 21 отсто сметаат дека работите треба да останат така како што се денес, а седум од 10 Грци, веруваат дека во последните децении Грција загубила од тоа како владите се справувале со прашањето за името.

За тоа дали сметаат дека во последните децении од прашањето за името земјата доби или загуби, седумдесет отсто од испитаниците сметаат дека Грција загуби, девет дека доби, 21 отсто ја одбрале опцијата не знам/не одговарам.

Костас Панагопулос, претседателот на агенцијата „Алко“ што го спроведе истражувањето, говорејќи за радиото, коментира дека во анкетата не биле вклучени конкретни имиња, бидејќи официјално не се соопштени и вели дека веројатно резултатите би претрпеле промени кога во истражувањето ќе влезат конкретни предлози за решение на спорот.