Светислав Басара добитник на наградата „Прозарт“

Српскиот писател Светислав Басара е годинашен добитник на „Прозарт“ – наградата што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

Авторот на „Фама за велосипедистите“, кој според многу ранг-листи на критиката се смета за еден од најдобрите српски романи на 20 век, беше едногласно избран од одборот за доделување на наградата: Ермис Лафазановски, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.

Басара ќе ја прими наградата во Даут-пашиниот амам, на затворањето на фестивалот, 29 мај, од 19.30 часот.

На тридневниот фестивал Басара ќе биде во друштво на петмина врвни автори од Балканот. Тоа се: Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина.