„Студентски пленум“: Таблетите не се приоритет за студентите

Сметаме дека ова е само површна реформа и дека на високото образование и на студентите им се потребни континуирано вложување и финансиска поддршка, а не вакви еднократни награди, кои служат за да ни го одвлечат вниманието од вистинските проблеми, реагираат од „Студентски пленум“ по најавата од премиерот Никола Груевски дека студентите од третта и од четврта година, чии родители имаат помали примања од просечната плата, ќе добијат таблети.

– Ќе видиме колку Владата е навистина подготвена да помогне кога ќе се отвори прашањето за финансирање во изработката на новиот закон. Иако и досега имаме повеќепати посочено кои се барањата на студентите, ако некому сè уште не му е јасно, пак ќе повториме – сакаме човечки услови во студентските домови, сакаме соодветна и современа литература на македонски јазик, сакаме опремени лаборатории за природонаучните и за техничките факултети, сакаме асистенти, сакаме студентски мензи, сакаме студентски бенефиции, сакаме бесплатен јавен превоз. Сакаме да знаеме дека ќе може да најдеме работа дома. И дури тогаш, проектот за бесплатен таблет би имал некоја смисла – велат од „Студентски пленум“.