Странските инвеститори нема да можат да откупуваат земјиште во зоните

Министерството за економија, преку измени на Законот за слободни технолошки развојни зони, ги поништува последните измени на овој закон донесени минатата година, со кои на странските инвеститори, освен закуп на земјиште, во зоните им беше овозможено да купуваат парцели во некоја од слободните зони, пренесува порталот „Е-магазин“.

Според предложените измени доставени до Собранието, се враќа претходното законско решение, односно пред донесувањето на последните измени на Законот за технолошки индустриски развојни зони од 31 октомври 2014 година. Со тоа се бришат сите нови членови што се однесуваат на постапката за отуѓување земјиште во зоните.

– На склучените договори за отуѓување на градежно земјиште во технолошко-индустриските развојни зони ќе се применуваат одредбите од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014 и 160/2014) – објаснуваат од Министерството за економија, кое е предлагач на последните законски измени.

Со последните измени на Законот за слободни технолошки развојни зони, Владата ги зголеми поволностите што им се нудат на странските инвеститори во Македонија, со тоа што им беше дозволено да откупуваат земјиште во зоните, па дури и цела зона.

Беше предвидено земјиште да се продава по почетна цена од едно евро за еден квадратен метар. На јавното наддавање можеа да се јават домашни и странски физички лица.

Во случај на откуп на земјиште за цела зона, инвеститорот имаше обврска да ја изгради целокупната внатрешна инфраструктура во рамките на зоната, сообраќајници, хидротехничка инфраструктура, гасоводна инфраструктура, електрична инфраструктура и друга потребна инфраструктура.

Вицепремиерот за економски порашања, Владимир Пешевски, тогаш изјави дека со измените ќе се подобрат условите за привлекување и за задржување на странските инвеститори и ќе се овозможи поголем развој на зоните.

Заменик-министерот за економија, Христијан Делев, изјави дека измените се предлагаат на барање на инвеститорите.
– Голем број од инвеститорите сакаат да си го решат правото на сопственост. Не се заинтерессирани за концесија, како досега, бидејќи во матичните компании, односно банките што ги финансираат, додека не се реши правото на сопственост не беа заинтересирани да ги финансираат нивните проекти – изјави тогаш Делев.

Која е причината за ваквата одлука на Владата и зошто таа се премисли, нема објаснување.