Средбата кај Иванов беше за идните чекори во евроинтеграциите, тврди Џафери

Синоќешната средба со премиерот Зоран Заев и со лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Никола Груевски, кај претседателот Ѓорге Иванов, беше за да се размисли што ќе биде отсега натаму, во контекст на евроинтеграциските процеси, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џафери истакна дека средбата траела помалку од три часа и оти ниту еден од присутните не дал предлог како да се надмине сегашната ситуација, настаната по издавањето налог за приведување 36 лица поврзани со насилствата во Собранието од 27 април, меѓу кои и шест пратеници. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ по приведувањето почна да ги бојкотира собраниските комисии, а со тоа и работата на Комисијата за финансирање и буџет за расправата за буџетот за 2018 година, која почна да расправа на 27 ноември, а ја прекина својата работа по апсењата.

Претседателот на Собранието рече дека ако претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска, од ВМРО-ДПМНЕ ја одложила комисиската седница на неопределено време, уште денеска ќе разговара со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и ако не се најде решение, ќе предложи лице кое ќе ја продолжи седницата за буџетот.

Собранискиот спикер не ја отфрли можноста следната средба која ќе биде во истиот состав да ја свика или тој или претседателот на државата.