Спроведена дератизација во поплавените места во Прилепско

Стручните екипи на Центарот за јавно здравје од Прилеп со стабилизирањето на временските услови, почнаа дератизација во согласност со подготвениот план за поплавените населени места кои беа опфатени со поплавите кога настана излевање од коритото на Црна Река.

Со спроведувањето на мерките за дератизација, ќе се сведе на минимум можноста за зголемување на бројот на заразни болести кои евентуално би потекнале од загрозените подрачја. Како една од мерките, која во значителна мера ќе помогне е интервентната дератизација на населените места: Канатларци, Ерековци, Тополчани, Кадино Село, Мало и Големо Коњари, кои беа поплавени како и на целиот канализационен систем во општина Прилеп.

Директорот на Центарот за јавно здраве, Гоце Ингилизов, во изјава за медиумите истакна дека со оваа мерка ќе се намали бројот на штетни глодари, особено на црниот и на сивиот глушец како потенцијални преносители на заразните болести: туларемија, бруцелоза, лептоспироза, чума, салмонела, лигавка, шап, беснило и други.
Мамците се поставуваат во штали, амбари или помошни простории во населените места и во подземниот канализационен систем во градот. За оваа интервентна дератизација од буџетот на Општина Прилеп, издвоени се 700.000 денари.

Целта на дератизацијата покрај редуцирањето на глодарите е и зголемување на степенот на здравствена заштита на населението и одржување на стабилна хигиено-епидемиолошка состојба во градот. Кон средината на овој месец на територијата на Општина Прилеп ќе биде споредена авионска дезинсекција од Министерството за здравство.

Б.З.