СЈО повторно ги достави доказите и побара изземање на судијката

Специјалното јавно обвинителство денеска повторно ги достави доказите за случајот со фалсификување на документите поврзани со уништување опремата за прислушување во УБК до Основен суд Скопје 1, а кои вчера беа им вратени како нецелосни.

СЈО поднесе и барање за изземање на судијката, бидејќи постојат околности кои предизвикуваат сомневање во нејзината непристрасност при донесување одлука и затоа што истата судијка се споменува во содржината на јавно објавените незаконски прислушувани разговори.

Како што објаснија од СЈО, тие на судот им посочуваат на непостоење на законски пречки за судската служба да евидентира и да прима класифицирани информации и на законските обврски секој орган кој работи со класифицирани информации да обезбеди административни и човечки ресурси за работа со класифицирани информации.

Како што велат од СЈО, во дописот е појаснето и дека во конкретниот случај не е барана декласификација на доказите поради фактот што со декласификација предложените докази би добиле третман на информација до која се има слободен пристап.

„Воедно, во текот на денешниот ден, од претседателот на Основниот суд Скопје 1, побарани се официјални податоци за тоа кои судии се определени да постапуваат во судските предмети оформени по повод поднесените обвинителни предлози на ова јавно обвинителство, бидејќи не бевме официјално информирани кои судии постапуваат по овие обвинителни предлози. Сепак, со оглед на фактот што од дописот доставен до ова јавно обвинителство со кој се вратени доказите произлегува името на судијата кој постапува по предметот, Ве известуваме дека во текот на утрешниот ден ќе биде поднесено и барање за изземање на судијата од постапување по конкретниот предмет“, се вели во соопштението.