Шилегов: Наместо изградба на фабрики, празни ливади во Радовиш

„На оваа ливада пред две години обвинетиот Никола Груевски свечено фрли лопата на камен-темелник и повторно ги изговори истите лаги за странски инвестиции и за нови работни места. Како и секаде во државата, Груевски ги излажа и луѓето од Радовиш за инвестициски бум, за нови работни места, за нови фабрики“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, при денешната посета на Радовиш.

Тој посочи дека на тоа место нема ниту фабрики, ниту нови работни места за радовишани.

– Ги нема ниту инвестициите од 11 милиони евра што беа најавувани. Овде требаше да има инфраструктура, улична мрежа, водоводна и телекомуникациска инфраструктура, мрежа за снабдување со електрична енергија, мрежа за снабдување со гас на фабриките. Повеќе од 6 милиони денари, народни пари од буџетот, се потрошени на оваа ливада – изјави Шилегов.

Тој додаде дека празните ливади ги испразниле и куќите и домовите од млади луѓе и во Радовиш и во Македонија. Фабриките што требало да ги вработат, никогаш не се отвориле.