СДСМ: Груевски да престане со провокациите и со поттикнувањето насилство

„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ доцни два месеца со денешното соопштение. За Никола Груевски, сè беше прифатливо додека молеше да го состави парламентарното мнозинство“, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за седницата на централниот комитет.

„Сега, кога мора да се помири со тоа дека тој е ’дефакторизиран’, дека ја загуби власта затоа што околу 700.000 граѓани се изјаснија против неговите деструктивни, штетни, себични, криминални политики, наоѓа изговори за продлабочување на кризата. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема морално право да зборува што е добро за граѓаните и за државата, кои ги осиромаши, изолираше и ги уништи за лични цели. Мнозинската волја на граѓаните е за промени. Груевски и неговите соработници мора да престанат со провокациите и со насилството што го поттикнуваат и да дозволат мирен трансфер на власта“, велат од СДСМ.

Според партијата, само концептот на едно општество за сите може да ја сочува унитарноста на државата, со која „се коцка несериозното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“,

Оттаму велат дека следен чекор е Ѓорге Иванов да го даде мандатот на Зоран Заев за тој да ја формира новата влада.