Путин е најмоќниот човек во светот за 2016 година според магазинот „Форбс“

Рускиот претседател Владимир Путин е најмоќниот човек во светот, според денеска објавената ранг-листа на најмноќни луѓе за 2016 година на американскиот магазин „Форбс“.

Путин е прв на ранг-листата на „Форбс“ веќе четврта година по ред. Во годинешното рангирање по рускиот претседател на втората позиција се наоѓа новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, а трета е германската канцеларка Ангела Меркел.

„Лидерот на Русија продолжува да ги остварува своите цели почнувајќи од својата земја, преку Сирија и изборите во САД“, наведува магазинот.

За Трамп, кој кон крајот на јануари следната година треба и официјално да ја преземе претседателската функција од Барак Обама, магазинот пишува дека тој е „отпорен на скандалите, ги има двата дома на Конгресот и лично богатство од неколку милијарди долари“.

Ангела Меркел, која е на власт во Германија 11 години и кандидат на претстојните парламентарни избори во земјата, годинава падна од второ на трето место на листата на „Форбс“.

Инаку, германската канцеларка е прва од трите жени кои се наоѓаат на првите 20 места на ранг-листата. На шестата позиција се наоѓа гувернерката на американската Централна банка Џенет Јелен, додека на 13. место е британската премиерка Тереза Меј.

Веднаш зад Путин, Трамп и Меркел, како четврти најмоќен човек на светот се наоѓа кинескиот претседател Кси Џинпинг, а петти е папата Франциск.

На списокот од 74 личности се наоѓаат и сопствениците на „Мајкрософт“, „Гугл“ и „Фејсбук“, Бил Гејтс (6. место), Лари Пејџ (7. место) и Марк Зукерберг (10. место).

Новозибраниот државен секретар на САД и претседател на компанијата за нафта и гас „Ексон мобил“, Рекс Тилерсон, се наоѓа на 24. место веднаш зад претседателот на Франција, Франсоа Оланд.

Инаку, 28 од најмоќните луѓе на светот од листата на „Форбс“, работат како извршни директори на големи компании.