Почина академик Милан Ѓурчинов

На 90-годишна возраст вчера почина академик Милан Ѓурчинов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Академик Милан Ѓурчинов е роден на 28 јули 1928 година во Белград. Во 1951 година дипломирал славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, докторирал во 1960 година на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а се усовршувал на универзитетите во Љубљана,  „Ломоносов“ во Москва и „Сорбона“ во Париз.

Академик Ѓурчинов бил професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, шеф на Катедрата за славистика, а во 1980 година ја основал Катедрата за општа и компаративна книжевност и бил нејзин раководител.

Академик Ѓурчинов беше критичар, антологичар, теоретичар на литературата и славист.

Погребот ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје утре во 11.30 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во Капелата од 10.30 до 11.30 часот.

По повод смртта на академик Милан Ѓурчинов, Македонската академија на науките и уметностите и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка Комеморативна седница в петок со почеток во 11 часот.