Деновиве во Охрид, дежурните служби на ЈП „Охридски Комуналец“ евидентираа уште еден во низата примери на кршење на Законот за јавна чистота во централното градско подрачје и тоа на сред бел ден. Депониран е градежен шут од камион на приватен субјект директно во контејнерите за комунален отпад.
„Овој проблем станува се поголем од отприлика две години, откако е донесена одлука за забрана за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер, без да се даде соодветна алтернатива на граѓаните каде истиот би го депонирале, затоа што градот и граѓаните секојдневно создаваат секаков вид на отпад“, вели Љупчо Грданоски в.д. директор на ЈП „Охридски комуналец“.
Според Законот за јавна чистота, не е дозволено градежниот шут што настанува при градење или реновирање на домовите, граѓаните и правните субјекти да го исфрлаат во контејнерите за комунален отпад.
Од јавното претпријатие „Охридски комуналец“ велат дека до крајот на годината ќе продолжат со акциите за подигање на кабаст и зелен отпад и тоа секоја сабота, но исклучиво со дојава од граѓаните.