Намален бројот на странски туристи во Охрид поради политичката криза, велат угостителите

Како што се разгоруваше политичката криза во Македонија, така се намалуваше интересот за посета на земјата, особено од странски туристи, забележуваат угостителите.

На крајот на годината, во Охридско-струшкиот Регион има пад на бројот на ноќевања за 10 проценти.

Првиот менаџер на хотелите „Дрим“ и „Београд“, Крсте Блажески, кој воедно е и претседател на Здружението на хотелиери во Македонија (ХОТАМ), смета дека политичката нестабилност и неформирањето влада ќе имаат особено негативно влијание врз туризмот.

Блажески објаснува дека и минатава година, со политичката криза и со бегалската рута низ Македонија, намален е бројот на странски гости, а имало и откажување аранжмани.

Хотелиерите се надеваат дека падот ќе го ублажат со новогодишните празници.

Сместувачките капацитети во Охрид и во Струга се речиси распродадени за најдолгата ноќ и угостителите се надеваат дека нема да дојде до откажување аранжмани во последен момент.

Традиционално, покрај од земјата, најголемиот број од очекуваните туристи во Охрид и во Струга се од соседните земји, пред сè, Бугарија, Србија и Црна Гора. Најавени се новогодишни славеници и од Велика Британија, Полска, Израел и од други земји.

Хотелиерите се задоволни што Бугарите, кои еден подолг период стагнираа, повторно доаѓаат, што не е случај и со Србите. Колку за илустрација, хотелот „Силекс“ е целосно закупен од гости од Бугарија.

Гости очекуваат и лицата кои издаваат станови во Охрид.