Мицкоски: Договорот на Заев е капитулација, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи

Ако постигнатиот таканаречен договор на Зоран Заев е прифаќање на промена на уставот, и внатрешна и надворешна употреба на новото име, тогаш тоа е договор на Зоран Заев за капитулација, рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на прес-конференцијата веднаш по обраќањето на премиерот на која ја соопшти веста за постигнатиот договор за името.

– Зоран Заев покажа нестабилност, недостоинственост, покажа и континуирана променливост на сопствените лични ставовите, недостоинствено за премиер на држава. Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се познати, непроменети и прецизни. ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од своите принципи и уверувања и нема да поддржи промена на Уставот – рече Мицкоски нагласувајќи дека „доколку Зоран Заев се обиде шверцерски капитулацијата да ја протне низ собраниска процедура, мора да знае дека референдум мора да има, и тој мора да биде задолжителен, а не консултативен како што се обиде повторно денеска шверцерски на прес конференција да и го протне на македонската јавност“.

Според него, штетата што сега се прави е огромна и државата се турка во неповратен амбис.

– Ние сме за ЕУ и НАТО членство, многу повеќе од сите други, но напредокот и интегрирањето таму мора да биде ценето по мерит систем т.е. по сработената работа, а не по предавствата и капитулациите како што денеска Зоран Заев се обиде да им ги претстави на македонската јавност. Со ваквите договори како денес Македонија губи – рече Мицкоски и нагласи дека тој ќе гласа „против“ на најавениот референдум.