Манчевски: Град Скопје лани трошеше пари на непродуктивни проекти

Извештајот за извршувањето на буџетот на Град Скопје од минатата година како и сите години претходно, покажува дека главна преокупација на Коце Трајановски му бил раскошот и луксузот на Никола Груевски, изјави денеска Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

– Се трошеше за барокни фасади, плоштади, фонтани, луксузни административни згради и за други непродуктивни проекти. Коце Трајановски немаше пари за мерки за намалување на загадувањето, подземна сообраќајница во центарот на градот, проекти за енергетска ефикасност, ниту пак за нови мостови и главни сообраќајници. Во оваа прилика сакаме да најавиме дека веднаш по смената на Коце Трајановски на локалните избори во мај, ќе предложиме ребаланс на буџетот – рече Манчевски.

Тој додаде дека со ребалансот на буџетот ќе ја запрат изградбата на панорамското тркало како и изградбата на барокните фасади и како и на сите други објекти кои се дел од Скопје 2014.

Манчевски вети дека парите на граѓаните на Скопје ќе се пренасочат за мерки за намалување на загаденоста, за повеќе паркови и зелени површини, за нови средни училишта, за нови мостови, за нови сообраќајници, за нови проекти кои се од најголемо значење за граѓаните на Скопје.