Македонија има шанса за отворено општество, но само ако реформите продолжат


       
Скопје, 21 мај, 2018 - 16:39 (META) 

Македонија има шанса за отворено општество, но мора да се продолжат реформите во владеењето на правото, слободата на изразување, транспарентноста, отчетноста, економскиот развој и борбата против говорот на омраза и ксенофобијата, се дел од заклучоците на денешната конференција „Има ли шанси отвореното општество во Македонија?“ организирана од Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ).

На конференцијата, организирана по повод 25-годишнината на Фондацијата во Македонија, учествуваа извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова – Пановска, премиерот Зоран Заев, претседателот на Фондацијата Отворено општество, Патрик Гаспар и претседателката на Управниот одбор на ФООМ, Маја Бојаџиевска.

Извршната директорка на ФООМ истакна дека неслучајно го одбрале овој наслов на оваа завршна конференција затоа што, како што рече, сакале да подвлечат дека по периодот на затвореност, на добиените квалификативи за „заробена држава“, по промените минатата пролет општеството почнува да се отвора, но смета дека целта сè уште не е постигната.

– Отвореното општество како концепт никогаш не е достижно во идеална смисла. Но, има начини многу да се направи дополнително за Македонија да може да ја сметаме за вистинско отворено општество со сите вредности кое тоа ги предвидува. Имаме многу работа на планот на правната држава, на воспоставување на владеење на правото, на планот на справување со криминалот од претходната власт паралелно со справување на потенцијалниот криминал меѓу претставниците на актуелната власт. Има многу што да направиме на планот на говорот со омраза со национализмите и со ксенофобијата, на оттргнување на политичките партии да го доминираат јавниот простор и јавниот дискурс и да се овозможи активните граѓани кои длабоко ветуваат во тоа дека може нешто да променат и дека сè зависи од нас да можат да делуваат слободно – рече Каранфилова – Пановска.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека сегашната власт ќе продолжи да ја гради државата со транспарентност и отчетност.

– Поттикнати од поривот да го ослободат, да го отворат своето општество, граѓаните на Македонија создадоа услови за фер и демократски избори и мнозинството гласаше за победа на отвореното општество. Граѓаните застанаа на страната на победата со пенкало. Ненасилно ја ослободија „заробената држава“. Демократските сили се спротиставија на ретроградните структури, на оние кои сакаа да го затворат и заробат општеството. Граѓаните повторно ги реафирмираа принципите на граѓанските демократските стандарди, на еманципираната политичка култура, човековите права и слободи за сите без исклучок, и неопходноста од транспарентност и отчетност на институциите во Република Македонија – рече Заев, нагласувајќи дека 2018 година е година на сериозни реформи можности и за решение на 25-годишниот спор со Грција.

Претседателот на Фондацијата Отворено општество, Патрик Гаспар, рече дека е оптимист, но и напомена дека работата не е завршена и мора да се продолжи со реформите.

– Мора да се соочиме со притисокот на столбот на моќта. Има оптимизам. Претходната власт во Македонија сакаше да го затвори отвореното општество, но граѓаните застанаа во негова одбрана оти сакаа слободно општество. Им благодарам на сите што дадоа поддршка. Многу е сторено во Македонија, но сè уште треба да се прави многу на полињата на достап до правата, иновацијата и економското зајакнување, заедно со зајакнување на правосудството – истакна Гаспар.

Конференцијата денеска ќе продолжи со дебата на тема: „Граѓаните, политичката култура и идентитетите“ и „Нема правда, нема мир“, а утре на завршниот дел на програмата се теми фокусирани на транспарентноста и отчетноста на институциите во Македонија, предизвиците и можностите за ангажман на граѓанското општество по делувањето во „заробена држава“, како и „Македонија може да стане отворено општество“.