Котевски: Апсолутно сме оптимисти дека ќе победиме

Македонија вечерва докажа дека е демократска држава, а ВМРО-ДПМНЕ им честита на граѓаните и го поздравува нивниот избор, изјави вечерва по затворањето на избирачките места, директорот на комуникацискиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, на прес-конференцијата во новото седиште на партијата.

– Денеска македонските граѓаните мирно и достоиствено, масовно излегоа да гласаат, покажувајќи дека сакаат да се стави крај на двегодишната криза во која СДСМ ја турна земјата. Тоа што е најважно за иднината на Македонија е дека изборите поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера без никакви сериозни инциденти – рече Котевски, додавајќи дека граѓаните добиле можност без притисоци да ја искажат својата волја и да ја заокружат опцијата која е најдобра за нив и за нивните најблиски.

Котевски не сакаше да ја коментира големата излезност, но рече дека веруваат оти таа се должи на 20-дневната изборна кампања на која биле презентирани програмите на партиите.

На прашањето дали се оптимисти за исходот од изборите, Котевски кратко одговори „апсолутно сме оптимисти“.