Киднаперите на либискиот авион бараат азил во Европа

Двајца Либијци кои киднапираа авион на домашна авиокомпанија и во петокот принудно го слетаа на Малта, бараат азил во Европа.

Тие бараат и основање на нова политичка партија во чест на покојниот диктатор Моамер ел Гадафи, соопштија властите од Малта.

Полицијата соопшти дека против нив ќе биде поднесено обвинение.

Стручњаци за безбедност сè уште проверуваат дали во авионот има експлозив или некое друго оружје, а сè уште трае и испрашувањето на патниците и нивната проверка за да се утврди дека меѓу нив нема други киднапери.

Еден од патниците за локална телевизија изјава дека патниците се „заробени“ во автобуси на аеродромот во Малта и дека не им е дозволено да ги напуштат.

Либиската авиокомпанија соопшти дека испратила чартер-лет на Малта за да се вратат патниците во Либија.

Меѓународниот аеродром на Малта соопшти дека поради инцидентот, откажани се 44 летови.