Ќе се укинува додатокот за трето дете, но само за новите случаи

Министерството за труд и социјална политика со новиот предлог-закон, со кој треба да се измени Законот за заштита на децата, предвидува додаток за секое родено дете во семејството, а во иднина повеќе да не се исплаќа надомест за мајките на трето дете во период од 10 години, ако го родат повеќе од 10 месеци по стапувањето на сила на новиот закон.

Како што објаснуваат од министерството, сите мајки на трето и четврто дете кои досега стекнале право на родителски додаток, ќе добиваат месечен надомест сè до истекувањето на рокот прецизиран во сегашниот закон – 10 години, односно 15 години од раѓањето. Додаток за трето дете во период од 10 години ќе добиваат и мајките што ќе родат трета рожба најмногу 10 месеци откако ќе стапи на сила новиот закон, а потоа ќе се доделува  само еднократен надомест за бебето, односно 60.000 денари. За четврто дете не е предвиден еднократен надомест, додека за првородено бебе по стапувањето на новиот закон на сила ќе се доделуваат 5.000 денари, а за второ дете 20.000 денари.

Од Министерството велат дека иако постоечкиот закон имал за цел да го зголеми наталитетот, тоа не се случило.

„Додаток за трето дете беше наменет кон зголемувањето на наталитетот, но податоците покажуваат дека самата мерка нема никаков ефект врз наталитетот. Стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 во 2001 година до 11,1 во 2016 година“, се вели во соопштението.

Од таму велат дека поддршката за семејствата со минимални приходи и за оние кои се корисници на социјална помош, во иднина ќе се остварува преку надоместоците за  детски и на образовен додаток, чија крајна цел е да се намали детската сиромаштија.

Дополнително, според Министерството, досегашната практика е неправедна, оти родителски додаток за трето и четврто дете добивале и семејства кои се во многу добра економска ситуација.