Иванов: Од клучно значење е поскоро формирање на Влада

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски, амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачката Република, Мартин Безак и амбасадорот на Унгарија, Ласло Иштван Дукс.

Соговорниците разговарале за продлабочување на меѓусебната соработка, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, и за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО.

„Во однос на политичката состојба, на средбата беше истакнато дека од клучно значење за Република Македонија е надминувањето на политичката криза и што поскоро формирање на Влада која ќе биде посветена на европската агенда и економски развој и која ќе има капацитет да се справува со предизвиците од мигрантската и безбедносната криза. Амбасадорите се согласија дека е неопходен исчекор на земјата во однос на европските и евроатланските интеграции“, велат од кабинетот на Иванов.

Претседателот Иванов ја поздравил поддршката од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Македонија.

Амбасадорите ги реафирмирале заложбите за продолжување на меѓусебната соработка во справување со мигрантската криза и со безбедносните предизвици на земјите од Централна и Источна Европа.