Ирак објави победа во војната против Исламска држава

Ирак денеска објави дека војната против Исламска држава (ИД) е завршена, по повеќе од три години воени операции со кои припадниците на терористичката ораганизација се изгонети од териториите во Ирак што ги беа окупирале.

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади прогласи дека ирачките вооружени сили целосно ја контролираат границата со Сирија, а владиниот портпарол појасни дека овој развој на настаните значи и крај на воените операции против ИД.

Тоа го потврди и високиот заповедник на ирачката армија, генерал потполковник Рашид Јар Алах.

– Сите ирачки територии се ослободени од терористичките банди на Даеш (арапската кратенка за ИД) и нашите сили во целост ја контролираат меѓудржавната граница на Ирак и Сирија – рече генералот.

Терористите од ИД во летото 2014 година освоија речиси една третина од територијата на Ирак, вклучувајќи го тука и Мосул, вториот по големина град во земјата.