Груевски се појави во Собрание, СДСМ обвини дека Мијалков влегол и во бизнисот со нафта

Во многу сличен дух на тоа што се случуваше минатата седмица, и на денешното, шесто продолжение на конститутивната седница на Собранието, повторно се слушаа обвинувањата за намерно блокирање на работата на Собранието, за работење против државата и за македонските национални интереси.

Во првиот дел се појави и лидерот на ВМРО-ДПМЕ и пратеник Никола Груевски, првпат по 30 декември лани, кој се задржа околу еден час во салата, а потоа, откако заврши паузата, речиси веднаш ја напушти седницата.

Дамјан Манчевски од СДСМ побара да не се блокира седницата за да се заштити, како што рече, „криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“. Тој зборуваше за нов случај на, како што рече, „криминал“ на Сашо Мијалков.

– Додека вие овде ги блокирате Собранието и институциите, вашето раководство се богати. Шест милиони евра потрошил Мијалков во јануари и во март за да купи депо за нафта и бензински пумпи. За ова ли го блокирате Собранието? Овој ли криминал го штитите – рече Манчевски.

За случајот попрецизно зборуваше неговиот сопартиец Љупчо Николовски.

– Ова е тековна состојба на „Бест веј инвестмент“ од Скопје, која токму во овој период, додека луѓето протестираат надвор, ја купува „Ом петрол“. Управител, односно единствен содружник на оваа компанија е синот на првиот братучед на Никола Груевски. Токму преку овие зделки, додека граѓаните протестираат, се шири богатството од нафтени складишта и од повеќе бензиски пумпи. Не е патриотизмот во прашање, не е ништо друго во прашање. Во прашање е ширењето на богатството на оваа криминална власт – рече Николовски.

Радмила Шекеринска го постави прашањето зошто Груевски на конгресот на Европската народна партија во Малта трошел државни пари и одел со телохранители, на што одговори Илија Димовски, кој нагласи дека телохранители има и нејзиниот сопартиец, поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и дека тоа е според закон.

Конститутивната седница продолжува утре во 11 часот.