Градежните работници ќе се сертифицираат за знаења за енергетска ефикасност

Градежните работници кои имаат неформално знаење, односно искуство во својата работа, ќе можат да се преквалификуваат и да добијат сертификати за енергетска ефикасност.

Во тек е повик за пријавување на фасадери, работници на покрив, столари, инсталатери на греење и на електрични инсталации, на кои ќе им се препознаат претходно стекнатите знаења и ќе имаат можност да се сертифицираат.

– Преку препознавањето на претходно стекантите знаења и вештини, работниците ќе имаат можност да стекнат сертификати, со што ќе се зголеми нивната конкурентност на пазарот на труд. Овие сертификати ќе им важат и во други земји, како во Хрватска, во Словенија и во Грција – изјави директорот на Центарот за образование на возрасни, Линдита Казими.

Целта на овој проект, кој се одвива во рамките на ЕУ-иницијативата „Билд ап скилс“ (Build up skills) и е во втора фаза, е унапредување на вештините на работниците од градежниот сектор за постигнување зголемена енергетска ефикасност во објектите.

Според професорката од ФЕИТ, Лихнида Стојановска-Георгиевска, луѓето во секојдневниот живот преку работата, односно неформални обуки стекнуваат неформално знаење кое треба да се вреднува. Овј вид сертифицирање, односно модели на препознавање на неформално стекнатото образование, е тренд и во Европа.

Повикот за пријавување трае до 31 октомври и е предвидено 1.000 работници да поминат низ процесот на препознавање на вештини за енергетска ефикасност.