Федерацијата на планинарски спортови формира комисија за загинувањето на планинарите

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) преку својата Фејсбук-страница попладнево изрази жалење и сочуство до семејствата и на загинатите планинари Калина Велевска и Александар Миновски и извести дека формирала комисија која ќе го испитува случајот.

Велевска и Миновски ги загубија животите викендов при искачувањето до врвот Кајмакчалан.
Комисијата што ќе ја испитува нивната трагична смрт е составена од членови на ФПСМ и од експерти.

„Комисијата ги очекува сите релевантни податоци од надлежните институции во Република Македонија и соседна Република Грција, како и официјалните податоци од организаторот на планинарската експедиција. Од огромна важност за Федерацијата ќе биде да се направи темелна анализа за трагичниот настан. Болката и тагата за прерано згаснатите животи не може да се надомести со ништо, но вистината за трагичниот настан заслужува да ја знаат семејствата, планинарите и нашите членови. Во меѓувреме, сакаме да се воздржиме од шпекулации и дезинформации за настанот, затоа што ваквите настани заслужуваат темелна и длабока анализа во соработка со сите надлежни институции“, стои во соопштението од Федерацијата.