This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Nov 13 22:48:47 2018 / +0000 GMT

Ако се намали загадувањето до ЕУ стандардите, ќе се избегнат над 800 смртни случаи годишно




Повеќе од 3.000 лица годишно умираат како резултат на загадениот воздух во Македонија, предупреди Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во последниот европски извештај за квалитетот на воздухот, објавен во понеделникот. Македонија е прогласена за земја со најзагаден воздух и во врвот по бројот насмртни случаи по глава на жител, покрај Косово, Србија, Унгарија и Бугарија.

Според Светската здравствена организација, смртноста од последици од загадениот воздух во Македонија е над 125 лица на 100.000 жители, повеќе од двојно повисока од европскиот просек, кој е 60 прерани смртни случаи годишно на 100.000 жители.



Најмалку 800 смртни случаи годишно ќе се избегнат ако Македонија го доведе нивото на загадување на воздухот до максималните граници пропишани со директивите на Европската унија, покажуваат податоците на неколку истражувања. Според проценките на Светската банка, првпат направени за 2011 година, кои оттогаш традиционално се повторуваат, во Македонија годишно се губат 1.350 човечки животи поради загаденоста со суспендирани честички ПМ10 и ПМ2,5. Последните податоци на Светската здравствена организација, пак, за 2016 година, проценуват дека загадувањето на воздухот предизвикува околу 2.500 смртни случаи годишно.

И покрај различните проценки, кои се должат, меѓу другото, и на различниот временски и географски опфат, сите проценки се единствени во тврдењето дека барем половина од жртвите би се избегнале ако загадувањето на воздухот се сведе на европските гранични вредности, а околу 80 отсто со препораките на Светската здравствена организација.

- Ако ги намали емисиите до европските стандарди, Македонија ќе избегне повеќе од 800 смртни случаи, илјадници денови изгубена продуктивност и околу 151 милион евра заштеди од лекувања годишно - нагласува Светската банка во својата проценка од 2012 година.



И македонските стручњаци имаат свои проценки. Вкупно 1.903 прерани смртни случаи, годишно поради загадување од ПМ 2,5 честички се пресметани во научниот труд на Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје и Драган Ѓорѓев од Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, што на 15 октомври е објавен во Биомедицинскиот журнал на научни и технички истражувања (BJSTR). Студијата опфаќа загадување со ПМ2,5 честички во седум градови во Македонија во периодот од 2012-2016 година. Авторите проценуваат дека загадувањето предизвикува 22,3 отсто од вкупната смртност, освен онаа од надворешни причини.

- Ако загадувањето се намали за еден микрограм на метар кубен, ќе спаси 195 животи... Ако граничните вредности се усогласат со оние на ЕУ, 908 животи ќе бидат спасени, а 1.547 ако се постигне препорачаното максимално ниво од СЗО – стои во трудот на Димовска и Ѓорѓев.

Прерано изгубените животи поради загадувањето на воздухот се тема на уште десетина научни истражувања. Едно од најцитираните е истражувањето „Влијание врз здравјето и економската цена на загадувањето на воздухот во Скопје“ на меѓународен тим научници, меѓу кои двајца Македонци. Трудот е неколку пати објавуван во стручни списанија и на конференции, а последен пат во април годинава во Меѓународниот журнал за истражувања на животната средина и здравјето. Истражувањето, извршено за 2012 година, проценува дека во 2012 година, само во Скопје, загадувањето на воздухот предизвикало прерана смрт на 1.199 лица, 547 болнички лекувања од кардиоваскуларни болести и 937 од респираторни заболувања, што општеството го чинело меѓу 570 и 1.470 милиони евра.

- Ако загадувањето се намали до европските гранични вредности, ќе се спасат 545 животи или 45 отсто, а ако се намали до границите пропишани од Светската здравствена организација, ќе се спасат 926 животи, или 77 отсто – проценува меѓународниот тим.

Автор: Игор. К. Илиевски
Post date: 2018-11-01 15:30:36
Post date GMT: 2018-11-01 14:30:36
Post modified date: 2018-11-09 10:59:54
Post modified date GMT: 2018-11-09 09:59:54
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com