Дрвокрадци од Албанија пустошеле шума два километри во македонска територија

Вработени на Националниот парк „Галичица“ во координирана акција со Граничната полиција и со Шумската полиција, при контрола на делот каде се најчести кражбите на дрва во паркот, на границата со Република Албанија кај Свети Наум, затекнале двајца дрвокрадци од Албанија кои пустошеле шума два километри длабоко во македонска територија.

– При оваа акција, бил фатен албански државјанин кој ја преминал границата и навлегол во просторот на Република Македонија во длабочина од околу два километри. Фатен е во кражба на дабово дрво и пустошење на шумата, при што кај него е најдена моторна пила, како и товарен добиток со кој требало дрвата да ги пренесе во Република Албанија – велат од НП „Галичица“.

Престапникот е приведен. Му биле одземени добитокот и моторната пила и надлежните продолжуваат со процедурата.