Планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“ веќе четири месеци чека согласност од Министерството за животна средина. Управата на Националниот парк тврди дека планот од декември па досега е испратен дури три пати до Министерството за животна средина и дека за тоа поседуваат архивски броеви, а испратен е и во електронска верзија на два јазика. Од Министерството, пак, денеска информираа дека процедурата е во завршна фаза, иако до скоро тврдеа дека документот сè уште го очекуваат да стигне до Управата за животна средина.
Најновиот национален парк, и првиот во независна Македонија, беше прогласен во 2021 година. На 30 јуни годинава истекуваат две години од прогласувањето, а со тоа истекува и рокот за донесување на план за управување.
Од Управата на паркот велат дека планот е готов подолго време, а до Министерството првпат бил испратен во декември лани. Вторпат, документацијата, поточно барањето за согласност, која ја издава МЖС и нацрт-планот се испратени и архивирани во министерството и во јануари годинава, а последен пат, истата содржина е пратена и на 9 февруари годинава.
„Планот за управување е долгогодишен и треба да ја покрие нашата работа до 2031 година. Во него се внесени сите забелешки од јавните расправи, вклучувајќи и последната во септември и испочитувани се и сите рокови за коментари. Процедурата наложува откако ќе се добие согласноста од Министерството, документот да се врати кај Управниот одбот на ЈУНП Шар Планина и тогаш да стане оперативен“, вели Ибрахим Дехари, директор на ЈУНП Шар Планина.
Министерката за животна средина Каја Шукова денеска информираше дека процедурата е во тек, поточно во завршна фаза, и дека согласноста за планот за управување со паркот е пред потпишување.
Сепак, од Министерството до неодамна тврдеа дека документот не е кај нив и дека чекаат да го добијат.
„Плановите за управување ги изготвуваат националните паркови. Планот за управување со ЈУ НП Шар Планина го очекуваме како финален допис до Управата за животна средина при МЖСПП, каде би се разгледал и соодветно одобрил“, стои во одговорот на Министерството што го испратија на прашање на Мета.мк на 15 февруари.
Доколку не се испочитува рокот за донесување на планот до 30 јуни годинава, постапката ќе треба да почне одново, што ќе подразбира нови консултации до седумте засегнати општини и јавни расправи. Истовремено, непостоењето на план за управување го оневозможува носењето и на Годишна програма за работа и вработувањето на ренџери, кои треба да штитат 63.000 хектари заштитено подрачје.
„Имаме соработка со три странски донатори, за која ни е неопходен планот. Договорот со ПОНТ за годинава е 200.000 евра, со Global conservation, кои за првпат работат во Европа токму со нас, договорот е 100.000 долари, а работиме и со УНЕП, кои ни се донатори и за изработката за Планот за управување, и за изработка на нови планови за шуми. Сите тие добија потврда од Министерството дека процедурата е во тек и дека наскоро ќе добиеме согласност, благодарение на што и ги склучивме годишните договори. Ако не се донесе планот наскоро, ќе ги изгубиме сите“, вели Дехари.