Националниот парк „Шар Планина“ доби План за управување до 2031 година, по долготрајни консултации на околу 70 експерти. Министерството за животна средина денеска информираше дека документот што е одобрен треба да биде алатка со која новото јавно претпријатие ќе обезбеди заштита на биолошката разновидност и зачувување на дивиот свет во паркот, но исто така и подобрување на благосостојбата на локалното население, преку создавање зелени работни места и подобрување на зелената инфраструктура и услуги.
„Остануваме посветени на целиот овој процес бидејќи, идентификуваните природни и социо-економски вредности нема да значат многу, доколку не знаеме да ги цениме и да обезбедиме одржливо управување. По донесувањето и одобрувањето на Планот за управување, го насочуваме нашиот фокус кон заедничката цел, одржливо управување на Шар Планина со нејзините бројни еколошки, социјални и културни вредности“, велат од министерството.
Директорот на Јавната Установа НП „Шар Планина“, Ибрахим Дехари е задоволен од одобрувањето на документот и поддршката што на тој начин се дава на работењето на паркот.
„Продолжуваме уште попосветено со активностите кои ни се започнати, во очекување сме и на одобрување на Годишната програма за 2023, која произлегува од овој десетгодишен План. Со утврдени План и Програма многу полесно ќе можеме да соработуваме со нашите парнери и донатори“, вели Дехари.
Како главни активности за годинава тој ги наведе решавањето на барањата на резидентното население врзано со дрвната маса на Шар Планина, како и правењето на инвентар на сите градби во паркот. Дехари вели дека ниту една од седумте општини нема податоци колку градби има надвор од 27 села кои се во рамките на новиот национален парк, ниту пак кои од тие градби се легални, а кои се дивоградби. Инвентарот што во моментот се работи ќе треба да даде увид во состојбата со градби во сите зони на паркот.
Планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“ четири месеци чекаше согласност од Министерството за животна средина. Управата на Националниот парк апелираше дека документот е испратен во декември минатата година и дека е неопходен за обезбедување нормална работа и заштита на подрачје од 63.000 хектари. Шар Планина е четвртиот национален парк во земјава, и првиот во независна Македонија, кој беше прогласен во јуни 2021 година.