„Дојче банк“ ја потврди загубата од 6,8 милијарди евра во 2015 година

„Дојче банк“ потврди дека остварила нето-загуба од 6,8 милијарди евра во 2015 година поради високите трошоци за реструктуирање, резервирање за ризични пласмани и пониски проходи.

Загубата само во четвртиот квартал изнесувала 2,1 милијарди евра, соопшти банката.

Банката моментно е заглавена во судски спорови, имајќи предвид дека против неа се поднесени 6.000 тужби. Минатата година беше казнета со рекордни 2,5 милијарди долари заради вмешаност во местење каматни стапки.

Водечкиот германски кредитор е соочен со истрага од швајцарските власти дека ги договарал цените на пазарот со благородни метали, а американските истражители го испитуваат работењето на филијалата на банката во Москва, поради сомнеж дека е вмешана во перење на пари.