Дијабетичарите од Велес до Заев: Еден месец 50.000 дијабетичари се без инсулин

Речиси еден месец нема инсулин и некои си поигруваат со судбините на над 50.000 граѓани кои мора да примаат инсулин, од кои над 500 се деца, алармираше Здружението на лица со дијабетес „Шеќерче-Лолипоп“ Велес, кое упати писмо до премиерот Зоран Заев за лично да преземе итни мерки за средување на состојбата.

„Се изнаслушавме разноразни изговори и изјави, кои ама баш ништо не му значат на шеќерот(гликемијата во крвта) во нашите тела, на она што нас, граѓани на оваа држава – татковина, не уништува не по наш избор или определба, туку тоа ни го одредила судбината. Време е Вие лично да се ангажирате и дејствувате! Уште еднаш од Вас бараме да ставите моментален крај на инсулинската криза во државата! Инсулин да стасува до секој што му е потребно, а истовремено да донесете системско решение со кое нема да се овозможи следна криза, која и сега мислиме дека е наметната“, се вели во здружението на дијабетичари од Велес.