!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Џафери – Главчев: Договорот за добрососедство е почеток на новата историја меѓу двете земји


       
Скопје, 8 август, 2017 - 15:53 (META) 

Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија почнува новата историја во односите меѓу двете земји, оценија денеска во Скопје претседателот на Собранието, Талат Џафери, и неговиот бугарски колега, Димитар Главчев.

Џафери, како што соопштија од неговиот кабинет, се заблагодарил за поддршката што Бугарија ѝ ја дава на Македонија и за нејзините аспирации за членство во НАТО и во Европската Унија и ја поздравил одличната соработка меѓу претседателите и пратениците на двата парламента во сите последователни мандати. Тој, исто така, изразил надеж дека во иднина соработката ќе се интензивира, особено во светло на потпишаниот договор.

Главчев, кој е во кратка посета на Македонија, оценил дека со потпишувањето на договорот се отвораат нови хоризонти за соработка на сите полиња, вклучително и меѓу двата парламента на ниво на комисии и групи за соработка, на теми од заемен интерес и особено од интерес на Република Македонија и исполнувањето на критериумите за нејзина евроатлантска интеграција.

Бугарскиот спикер, во духот на добрососедските односи, го поканил претседателот Џафери да присуствува на ратификацијата на Договорот во Народното собрание на Република Бугарија.