„Денови на македонскиот туризам“ во Софија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот денеска во Софија, Бугарија, ќе организира „Денови на македонскиот туризам“. Гости на настанот се партнерите од Бугарија, туристички оператори и претставници на медиумите.

Настанот се организира за афирмација на туристичкиот производ од Македонија пред бугарските туристи, кои традиционално секоја година ја посетуваат нашата земја, со акцент на можноста за зголемување на нивниот број во веќе почнатата туристичка сезона.

Настанот ќе биде збогатен со дегустација на македонско вино, со македонска музика и со пригодна наградна игра. Најсреќните ќе добијат автентични производи од Македонија, охридски бисери, филигран со македонски рубин и викенд во Охрид за двајца.

Успешните промотивни активности на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, на туристичкиот пазар во Бугарија, позитивно се одразија на зголемување на број на туристи оттаму и нивниот број во последните неколку години изнесува повеќе од 15 проценти.