Данев: Последиците од реализирање на тиранската платформа ќе бидат несогледливи

Мнозинството Македонци гласаа за програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија и нивниот глас не смее да биде изманипулиран само за да се спаси Заев од одговорност, рече денеска на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

– Зоран Заев е свесен за последиците и затоа прифаќа секакви уцени, вклучувајќи и формирање влада по нотите од Тирана. Зоран Заев затоа замижува и го одобрува однесувањето на Зијадин Села, кој бара менување на знамето и на химната, го негира постоењето на македонскиот народ и најавува бркање од работа на Македонците. Последиците по однос на државата од реализирање на тиранската платформа ќе бидат несогледливи. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да поддржи малцинска влада на СДСМ и да гласа сè од програмата на СДСМ, само СДСМ да се откаже од тиранската платформа – вели Данев.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Заев да излезе со платформата како своја изборна програма на избори пред граѓаните, за народот да му каже што мисли.