Британија ќе прима деца-бегалци без родители

Британија ќе прими засега неопределен број деца кои се одвоени од своите родители во судирите во Сирија и во другите земји, соопшти денеска британската влада.

– Кризата во Сирија и случувањата на Блискиот Исток и на северот на Африка одвоиле голем број деца-бегалци од семејствата – соопшти британскиот министер за имиграција, Џејмс Брокеншајр.

Наведувајќи дека подобро би било повеќето од нив да останат во регионот со членови на поширокото семејство, тој додаде дека Британија, сепак, побарала од УНХЦР да „идентификува исклучителни случаи во кои во најдобар интерес за детете е да дојдат во Британија“.

Властите засега не можат да потврдат колкав број деца би прифатила Британија, особено зашто прашањето за миграција е едно од најчувствителните во земјата.

Британскиот премиер Дејвид Камерон во септември минатата година објави дека 20.000 бегалци кои се наоѓаат во камповите на сириската граница ќе бидат примени во земјата до 2020 година.