Богов: Македонската економија подготвена за поголеми светски финансиски потреси

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, очекува намалување на буџетскиот дефицит, стабилизирање на јавниот долг и економијата во следниот период подготвено да ги дочека евентуалните турбуленции на светскиот пазар.

– Со искористувањето на поволниот амбиент за издавање на еврообврзницата се обезбедија финансиски средства до средината на следната година и на тој начин ќе се избегне периодот на нестабилност. Изминатите десет години работевме на зајакнување на инфраструктурата на банките и на финансискиот сектор – изјави Богов.

Според него, фактот што Европската централна банка (ЕЦБ) нема да ја зголеми референтната каматна стапка уверува дека ниту Народната банка нема да ја зголеми оваа стапка.

– Водиме сметка за случувањата во платниот биланс, фискалната политика и другите случувања во економијата и во зависност од ризиците ќе се знае дали оваа стапка ќе се намали, зголеми или ќе остане иста – додаде Богов.

Тој објасни дека светските финансиски пазари се пред нови предизвици поради нестабилната монетарна политика. Според Богов, Американската централна банка (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ), минатите години вбризгале огромно количество пари, за да се избегнат импликациите од светската економска криза.

Но, со стабилизирање на светската економија и со нејзиниот пораст во последните две години, најавеното повлекување на тие средства предизвикало реакција на светските финансиски пазари, како што беше падот на американската берза. А, токму ова е предизвикот со кој ќе се соочува светската економија следните години, смета Богов.