Боболас пуштен на слобода

Првиот човек на грчкиот градежен гигант „Актор“, Леонидас Боболас, е ослободен откако исплати 1,8 милиони евра долг кон државата за даночно затајување. Бизнис-гигантот беше приведен изутринава со обвинување за даночно затајување и за перење пари и изведен пред суд за да даде исказ за обвиненијата за кои се товари.

Според информациите, Боболас е изведен пред суд поради одбивањето да плати долг од околу два милиони евра од даночно затајување. Името на Боболас било споменато на листата Лагард, список од повеќе од 2.000 Грци кои имаат сметки во странство. Проверката на неговите даночни пријави и на сметката во банката на „Хонконг енд Шангај банкинг корпорејшн“ покажала проблеми и несогласности, по што му била изречена финансиска казна во висина од два милиони евра поради даночно затајување. Боболас двапати одбил да ја плати, по што денеска бил повикан во полицијата и изведен пред суд. Медиумите јавуваат дека Боболас претходно бил известен и од Центарот за проверка на даночниците со големо богатство, но одлучил да не ја плати сумата ни по тоа известување, по што грчкото обвинителство издало налог за апсење врз основа на криминални дела даночно затајување и перење пари.

Боболас бил информиран телефонски за налогот за негово апсење и самиот се појавил во генералните канцеларии на грчката полиција во придружба на адвокат, од каде е изведен пред обвинител. Обвинителството му укажало на сериозноста на случајот и на последиците со кои ќе се соочи доколку не се исплати долгот, по што Боболас побарал кусо замрзнување на процесот за да се префрлат парите на сметката на државата и да се стави крај на случајот.
Според информациите, грчкиот бизнисмен веќе ги префрлил парите и е пуштен на слобода.

Леонидас Боболас e дел од едно од најмоќните семејства во Грција, кое покрај градежната компанија задолжена за огромен број од најголемите инфрастуктурни проекти во Грција, е сопственик на цела компанија медиуми, меѓу кои весниците „Етнос“ и „Имерисија“ и акционер во телевизијата „Мега“. Според грчките медими, семејството Боболас е едно од оние кои и економски и политички владеат со Грција. Семејството и неговите компании успеваат да се одржат на власт независно од тоа која политичка партија раководи со државата. Компанијата „Елактор“, со која управува Леонидас Боболас, има изградено два клучни автопати во Грција и се проценува дека раководи со 50 отсто од целата грчка патна мрежа во соработка со домашни и со странски групации.

Семејството е сопственик и на компанијата „Илектор“, која се занимава со управување со отпад во Грција, a моќниците Боболас имаат удел и во компанијата што управува со 60 отсто од грчките рудници.