Апелација одлучува по жалбите во случајот „Титаник“ – СЈО бара притвори

Апелацискиот суд денеска треба да ги објави решенијата по жалбите за мерките за претпазливост изречени од Кривичниот суд за обвинетите во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.

Меѓу обвинетите во случајот „Титаник“ се и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и поранешните министри за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на премиерскиот кабинет Мартин Протогер и поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски.

За сите нив СЈО на јавните седници во Апелацискиот суд во петокот побара притвор како мерка за обезбедување присуство.

Обвинетите се изјаснија дека не се виновни, дека немаат намера да бегаат и побараа да им се вратат одземените пасоши кои Кривичниот суд им ги одзеде како мерка за претпазливост наместо мерката притвор што ја побара СЈО. Тие ги оценија обвиненијата на СЈО како „празни“ и рекоа дека ова обвинителство прави политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ.