Запален службениот автомобил на директорот на затворот Идризово

Од пожарот бил зафатен дел од фасада на зграда, како и предмети на балкони на долните катови од зградата. Нема повредени лица

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Утрово околу 3 часот и 30 минути по полноќ, во полициската станица во скопската општина Кисела Вода било пријавено дека е опожарено паркирано возило во сопственост на затворот Идризово, кое го користел директорот на установата Зоран Јовановски.

Од пожарот, како што информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), бил зафатен дел од фасада на зграда, како и предмети на балкони на долните катови од зградата. Нема повредени лица.

„На 15.05.2024 околу 03:35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило ’фолксваген пасат’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа затвор ’Идризово’, кое било паркирано од З.Ј.“, стои во соопштението на МВР.

Од Јавното обвинителство велат дека прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење со цел да се утврдат причините за опожарувањето.

„Обезбедени се снимки од видео надзор на околните објекти и се преземаат други дејствија“, велат од обвинителството.