Заев најави мерки против осомничениот функционер на СДСМ

На денешната прес-конференција во Владата, прашан од новинарите за најновиот развој на настаните околу случајот „Рекет“, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, не сакаше да коментира поопсежно за случајот, во кој истрага се води и против висок функционер, но појасни дека „ќе има санкции“.

Заев рече оти од новинарите разбрал дека станува збор за пратеничката и потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска – Ременски.

– Ја добив информацијата дека има соопштение, а за кои лица се однесува, дека се работи за потпретседател на Собранието, тоа слушнав од вас. Нашиот став е секој пат кога лице е осомничено или обвинето, да преземеме мерки и санкции, времено отстранување на тоа лице, сè додека не си ја докаже својата невиност. Прво да прочитаме за што е тоа лице осомничено, треба да испочитуваме еднаков третман пред законите – рече премиерот.

Денеска Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) соопшти оти е почната истрага уште за четири други лица и за Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13, кои се товарат за измама, перење пари и помагање во овие дела.

„Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, соопштија од обвинителство.„Рекет“ се проширува со уште пет лица и „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) денеска почна истражна постапка против пет лица и едно правно лице за измама. Всушност, станува збор за Меѓународниот сојуз на Боки 13, односно тој како претседател и други лица од Сојузот, но и еден функционер, се товарат за измама, перење пари и помагање во овие дела.