Заев: Македонија избра иднина наместо неизвесна и бесмислена изолација

Република Македонија го направи изборот. Избра иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација. За прв пат во својата историја, Република Македонија седна на масата како рамноправен партнер, со медијаторство на Обединетите нации, за да ја разговара, да преговара и да одлучи за својата иднина, порача премиерот Зоран Заев на платото пред Македонска Опера и Балет (МОБ), на отпочнувањето на кампањата на Канцеларијата на Европската Унија „Замисли иднина заедно“, со која се промовираат придобивките од членството во унијата.

– Тоа до сега никогаш не се случило. За нејзината иднина се одлучувало без нејзино присуство. Ние рековме – не. За нас, за нашата иднина ќе разговарате со нас!!! Тоа го прават само потврдени и докажани државотворни народи и политички елити. И светот го препозна тоа. Ни оддаде признанија. Нè препознаа како рамноправен партнер, како фактор во регионот, во Европа и во светот. Наспроти заканите, покажавме храброст, достоинство и политички став. Признанијата дојдоа и како датум за преговори со Европската Унија, и како покана за завршниот процес за пристапување кон полноправното членство во НАТО. Граѓаните на нашата земја го направија изборот и тие се горди на својот избор. Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија – Избор што му припаѓа на секој европски граѓанин – рече македонскиот премиер.

Тој порача дека на претстојниот референдум „ќе го направиме последниот чекор за да ја завршиме изградбата на нашата држава според европски правила“.