Архивска фотографија | Фото: Арбнора Мемети

По вчера емитуваното интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС, кое предизвика контроверзии во македонската јавност, премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање денеска нагласува оти е свесен за негативните емоции во јавноста, но дека треба да се соочиме со историските прашања и да бидеме подготвени за разбирање.

„Дозволете најпрво да изразам жалење што моето интервју за бугарскиот медиум предизвика толку силни негативни емоции, за кои сум целосно свесен и кои ги знам и разбирам до детаљ. Но во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување“, вели Заев.

Главен залог на државата е членството во ЕУ, и во таа перспектива, државата треба да се угледа на претходните искуства во ЕУ, кога поранешни непријатели го оставиле минатото зад себе.

„Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите“, изјави Заев.

Нагласувајќи дека државноста на македонскиот народ е дело на антифашизмот, на АВНОЈ и АСНОМ, кој го потврдува македонскиот идентитет и македонскиот јазик, македонскиот премиер сепак нагласува дека на фашизмот не треба да му се дава по дефиниција етничка одредница и дека треба да падне „железната завеса“ меѓу Македонија и Бугарија.

„Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет“, изјави премиерот.

Но, додава Зоран Заев, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст. Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа.

„Иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше „железна завеса“ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу „македонското прашање““, посочи Заев.

Денес треба да работиме на отстранување на последиците од „железната завеса“ кои сè уште се осеќаат меѓу Северна Македонија и Бугарија, изјави тој.

Заев нагласува дека мора да се бориме против говорот на омразата, но и да се признаат слабостите од историјата.

„Само почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина. Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост. Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, порачува македонскиот премиер по вчера емитуваното интервју за БГНЕС.