Забрана за тешки товарни возила кај Ѓавато

Забрана за движење на тешки товарни возила е воведена на планинскиот премин Ѓавато поради интензивни врнежи од снег.

Според информациите добиени во АМСМ и од ЈП „Македонија пат“, сообраќајот на останатите државни патишта се одвива без забрани, по влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во северните, западните и во југозападните делови од државата. Во источните делови врнежи од снег со послаб интензитет се бележат во Делчево и во Смојмирово. Во јужните делови од државата има врнежи од дожд.

Забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар е сè уште во тек, соопшти АМСМ. На патниот правец  Крупиште – Пробиштип, сообраќајот се одвива со ограничена брзина од 20 километри на час.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и низ засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.