Вработените од „Југохром“ во 12 часот ќе блокираат кај Судска палата

Синдикатот на вработените на комбинатот „Југохром“ денеска ќе организира уште еден протестен собир поради, како што велат, неоправданото исклучување на печките на фабриката.

Мирниот протест ќе се одржи во Скопје, каде вработените еден час ќе ја блокираат крстосницата пред Судска палата. Протестот ќе почне во 12 часот.

По 13 часот вработените ќе се упатат пред Инспекторатот на Министерството за животна средина, каде што ќе достават протестно писмо поради исклучувањето на печките на комбинатот „Југохром“.

Пред 11 дена вработените од „Југохром“ го блокираа автопатот Тетово – Скопје, кај наплатната рампа Желино. Тие побараа повлекување на одлуката на Инспекторатот за животна средина за исклучување на печките на „Југохром“, добивање статус на работниците додека не се рестартира фабриката и забрзување на изградбата на филтер-станицата на комбинатот.

„Југохром“ на почетокот на месецов ги исклучи печките откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука за затворање на фабриката, поради пробивањето на двегодишниот рок за изградба на филтер-станица, кој истече на 31 октомври годинава.