Вооружени агенти во цивил ќе патролираат во француските возови

Вооружени агенти во цивилна облека ќе патролираат во возовите во Франција, во рамките на безбедносните мерки воведени по терористичките напади во Париз од 13 ноември, минатата година, соопшти денеска директорот на француската железница, Гијом Пепи.

„Нашите агенти ќе патролираат во возовите во цивил, а ќе имаат и овластување да пукаат“, изјавил Пепи за француските медиуми.

Француската железница (СНЦФ) досега имаше на располагање агенти кои можеа да употребат оружје исклучиво во униформа, а со новиот закон за безбедност во сообраќајот, кој стапи на сила во средата, оваа недела, такво овластување сега ќе имаат и агентите во цивил.

Директорот на француската железница исто така потврдил дека обезбедување по примерот на она на аеродромите ќе патролира и во брзите возови „Талис“ кои ја поврзуваат Франција со Белгија, Германија и Холандија.