Во тек е пријавувањето за едукативно-креативната работилница „Осовременувајќи ја Сирма Војвода во урбан контекст“

Осовременувајќи ја Сирма Војвода во урбан контекст

Во тек е пријавување на учеснички и учесници за едукативно-креативната работилница за слем поезија „Осовременувајќи ја Сирма Војвода во урбан контекст“, која ќе се реализира во месец јуни. На работилницата можат да се пријават заинтересираните лица од сите возрасти и од цела Македонија, а повикот за пријавување е отворен до 30 мај.

„Осовременувајќи ја Сирма Војвода во урбан контекст“ претставува работилница за едукација од областа на културното наследство и креативното пишување, преку која учесничките и учесниците подетално ќе се запознаат со ликот, делото и културолошкото значење на Сирма Војвода, а стекнатото знаење ќе им послужи како инспирација за пишување авторска поезија.

Работилницата е коавторски проект на поетесата и слемерка Елена Пренџова и книжевниот историчар, поет и прозаист Славчо Ковилоски, кои воедно ќе бидат и коментатор(к)и за време на проектот.

„Овие едукативно-креативни работилници доаѓаат како дополнување на формалното образование кое има ограничен фонд на часови по предметот македонски јазик и литература. Овој проект придонесува да се покрене свеста на младите за нематеријалното културно наследство и нивната важност за широките познавања на изградена образована личност родена на територијата на нашата држава. Стекнатите знаења веднаш ќе бидат применети во активно и креативно пишување слем-поезија, која како жанр, исто така не фигурира во формалното образование по мајчин јазик и литература“, велат организаторите.

Дел од програмските активности кои ќе се одвиваат во рамките на проектот „Осовременувајќи ја Сирма Војвода во урбан контекст“ се предавања за слем поезијата и запознавање со овој жанр, креативно пишување и уредување на авторски текстови, како и запознавање со народните и авторските дела кои се посветени на ликот и делото на Сирма Војвода.

Средбите во рамки на проектот, по договор, ќе се одржат онлајн или со физичко присуство. Трудовите изработени од учесничките и учесниците на работилницата ќе бидат прикачени на посебна веб-страница која ќе биде направена за потребите на проектот, како и на социјалните мрежи и интернет видео-платформите.

Работилницата „Осовременувајќи ја Сирма Војвода во урбан контекст“ се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура.

Повеќе информации за проектот и начинот на пријавување можат да се најдат овде.