Во 12 часот протест против загадувањето на воздухот во Скопје

Во 12 часот пред просториите на Град Скопје, скопјани под мотото „Не се дише“ ќе протестираат против енормното загадување на воздухот и ќе бараат од надлежните преземање конкретни мерки за да се реши проблемот.

Протестот го организира заедница на еко-активисти „Скопје смог аларм“ и граѓанската иницијатива „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош 4“.

„Граѓаните на Скопје и на Македонија денеска пред Град Скопје единствено ќе се борат за чист воздух. Денешниот настан е граѓанска иницијатива која се оградува од секакво политичко влијание. Почитувани истомисленици, за време на настанот ве замолуваме за достоинствено, мирно присуство, чија цел е пренесување на пораката дека не прифаќаме и не се помируваме да дишеме загаден, канцероген воздух, како и подигнување на свесноста на граѓаните за степенот на штетност на загадениот воздух“, велат од „Скопје смог аларм“.

Оттаму бараат да се сопре користењето автомобилски гуми како гориво во производството, да се вградат филтри на индустриските капацитети, да се почне со гасификација на Скопје и веднаш да запре секакво сечење дрвја.